1  2  /  3  /  4  /  5  /  6  /  7 

Господин Доне Илиевски за премрежијата при возобновувањето на Охридската архиепископија (1)

СВЕШТЕНИЧКИОТ СОБИР ВО ИЗДЕГЛАВЈЕ ВО 1943 Г. ПРОТИВ ЈУРИСДИКЦИЈА ОД ТУЃА ЦРКВА

Подготвил: Ранко МЛАДЕНОСКИ

Пред 44 години, во октомври 1958-та, беше возобновена Охридската архиепископија. Во Охрид, во македонскиот Ерусалим, за архиепископ охридски и македонски беше избран и востоличен г.г Доситеј. Додека се стигнало до таа “круна” на сета дотогашна работа, требало да се поминат многу премрежија, со оглед на тоа што се живеело во едно атеистичко време, а од друга страна бил и жестокиот отпор на Српската православна црква кон возобновувањето на Охридската архиепископија.

За сето она што се случувало во времето од 1943 година, па се до возобновувањето на Архиепископијата, за сите напори што ги правеле нашите луѓе за да се стигне до целта, разговаравме со господинот Доне Илиевски, еден од мошне заслужните Македонци за возобновувањето на Охридската архиепископија. Неговите кажувања за тогашните историски настани Ви ги пренесуваме во неколку продолженија.

КОМИСИЈА ЗА ВЕРСКИ ПРАШАЊА

Во 1952 година го завршив Правниот факултет во Белград. Во 1953 година се донесе Закон за правна положба на верските заедници - вели господинот Илиевски. Јас во правната струка бев длабоко навлезен и во септември 1953 година бев поставен за секретар на Комисијата за верски прашања во Македонија. Тоа за мене претставуваше една пресвртница во мојот живот. Ни оддалеку не помислував дека ќе се задлабочам и ќе се врзам за тоа подрачје на работа и живот и тоа да ми остане преокупација до денес. Но, така се случи. Тогаш претседател на оваа Комисија беше Страхил Гигов, кој беше потпретседател на Владата. По некое време имаше едно советување, а јас реферирав за проблематиката на Македонската црква. Тогаш рекоа дека сфаќаат за каква проблематика станува збор и дека за тоа треба човек кој постојано ќе биде ангажиран. Кога јас упаднав во оваа Комисија, едноставно влегов во едно подрачје кое воопшто не ми беше познато. Но, јас самиот се оспособив со напори да навлезам во таа проблематика, а тоа што ме поттикна или што до таа мера ме вклопи во таа проблематика беше сознанието дека нам по пропаѓањето на Самоиловото царство ни останала само една Охридска архиепископија, а подоцна дури и таа беше укината. А тоа што ние сме останале ова што сме денес, е заслуга на нашата света Црква. И секојпат го повторувам тоа дека на Охридската архиепископија и на Македонската православна црква ние никојпат не можеме да им се оддолжиме, затоа што без неа нашата судбина би била како судбината на некои бивши народи кои исчезнале со текот на времето. Тоа ме понесе и јас дури и денес не можам да се одделам од таа проблематика. Затоа велам дека 1953-тата година ја сметам за генерална пресвртница во мојот живот, бидејќи ја определи насоката на моето понатамошно живеење и работење.

Пред куќата во Издеглавје каде се одржал свештеничкиот Собир во 1943 година

Во времето кога јас дојдов во таа Комисија - раскажува господинот Илиевски - најдов една тешка состојба. Не најдов некоја подлога од која ќе почнам. Мораше да се создава од почеток, да се почне од нула. Многупати барав од оние што оделе на поранешните состаноци, да ми кажат дали оставале некакви траги, записници или нешто слично. Сите ми даваа одговор дека нема такви траги. Едноставно немаше ниту еден лист хартија од она што се работело до моето доаѓање, немаше никаков документ за таа проблематика. Дури и ми рекоа: ајде да се собереме и ние да кажуваме, а ти запишувај го тоа што мислиш дека треба да остане запишано. Сепак, морам да кажам дека тоа што го научив од таа проблематика, го научив од покојниот протаставрофор Нестор Поповски, кој беше претседател на Иницијативниот одбор за организирање на Македонска православна црква од 1946 до 1958 година, до изборот на Н.Бл. Доситеј за архиепископ. Иницијативниот одбор беше највисок орган на црквата во Македонија.

СВЕШТЕНИЧКИ СОБИР ВО ИЗДЕГЛАВЈЕ

Господинот Доне Илиевски ни зборуваше и за почетоците на активностите за обновување на Македонската православна црква, односно за возобновувањето на Охридската архиепископија, кои своите зачетоци ги имаат во далечната 1943 година.

Познато е - вели господин Илиевски - дека во октомври 1943 година, на ослободената територија во Дебарца (тогаш Главниот штаб на НОВ на Македонија се наоѓаше во Издеглавје) е формирано Верско поверенство при Главниот штаб. За Верски референт бил поставен свештеникот Вељо Манчевски, парохиски свештеник во Дебар. Тој е прв Верски референт.Тогаш почнува и Црквата да се појавува како дел од Народно-ослободителната борба на македонскиот народ. Идејата за верски референт била на Михајло Апостолски, командант на Главниот штаб, со негов потпис, со негов акт е донесено решение за формирање Верско поверенство. Во октомври месец е закажан и Собир на свештениците од слободната територија. Пред тоа има едно циркуларно писмо од Вељо Манчевски и јас би рекол дека тоа е една историска подлога за сето она што се правеше и што се постигна подоцна. Тоа циркуларно писмо станува и основата за заклучокот донесен на свештеничкиот Собир во Издеглавје. Свештеничкиот Собир е одржан во Издеглавје во куќата на Јонче Николовски. На овој Собир во Издеглавје беше донесен заклучок со кој се откажува секаква јурисдикција на туѓинска црква, не само на слободната територија, ами на целата територија на Македонија. И тој заклучок е така формулиран што се однесува и на тоа дека македонскиот народ ќе има своја црква и, ќе нагласам, се откажува јурисдикција на која и да е туѓинска црква. Значи, тие самоуки селски свештеници ставиле една таква клаузула. Второ, при богослужбите во црквите ќе се употребува црковнословенскиот јазик, а во администрацијата да се употребува македонскиот јазик. Тоа значи дека многу порано пред да се донесе каков и да е акт од некоја друга сфера, тоа го прават овие свештеници кои упатуваат и повик до целото свештенство да ја помага ослободителната борба, зашто во таа борба ќе се добие и црковна слобода. И на крај е заклучокот дека сите тие свештеници се ставаат на располагање за учители на македонски јазик на ослободената територија. Свештениците ги поставиле овие работи како подлога на почетокот на верскиот живот во октомври 1943 година. Тоа што тогаш се случувало, се обнови подоцна, по возобновувањето на Охридската архиепископија и изборот на првиот поглавар на МПЦ, Н. Бл. г. Доситеј. Во 1963 година организиравме прослава. Бевме во селото, во куќата и тука беа последните живи учесници на тој прв свештенички Собир и се изнесуваа сеќавања за тој настан од октомври 1943 година. Меѓу живите беа поп Антим Поповски од Слатино и поп Кирил Стојановски од Злесте. Свештеникот Кирил Стојановски го има осветено бригадното знаме на Првата македонска бригада во Црвена Вода. Сето тоа што го направиле тие 14 свештеници на Собирот во Издеглавје претставува еден никулец на она што ќе се случува веднаш по ослободувањето на Македонија. Тие донеле заклучоци со далекусежни визии и не може да се зборува за современа Македонска православна црква ако не се почне токму од тој Собир во Издеглавје.

Факсимил од писмото на Верскиот референт при Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија

Пред ослободувањето на Скопје - додава господинот Илиевски - во Врановци се формира Иницијативен одбор. Во Иницијативниот одбор во Врановци бил и сегашниот поглавар на МПЦ, г.г. Михаил, а во Скопје по ослободувањето се формирал друг Иницијативен одбор. Во тој Одбор влегуваат и членовите од Иницијативниот одбор од Врановци. Еден од првите акти на тој Иницијативен одбор е заклучокот да се организира Црковно-народен Собор на кој ќе биде поставен проблемот за состојбите и решавањето на прашањето за Македонската православна црква. Тоа се случувало во 1945 година. Првиот Црковно-народен Собор е одржан во Скопје на 4 и 5 март 1945 година во офицерскиот дом. На него зеле учество 300 делегати - свештеници и мирјани. Организатори на тој Собор биле сегашниот поглавар, г.г. Михаил, со свештениците Никола Апостолски и Кирил Стојанов. Имало и други, но овие биле непосредно во организацијата. На Соборот учествувале и гости од сите тогашни структури на власта.

ЖИВОТЕН ПАТ

Господинот Доне Илиевски е роден 1921 година во кичевското ридско-планинско село Брждани во семејство со шест деца. Завршил основно училиште како одличен ученик и во 1932 година конкурирал на Богословија во Битола. Но, и покрај неговата упорност да се запише на Богословија (конкурирал три пати) не го примиле, затоа што, како што вели г-н Илиевски, немал “вујко владика”. Поради тоа се запишал во гимназијата во Битола и ја завршил. За тоа под какви финансиски услови ја завршил гимназијата во Битола, најдобро зборува неговото кажување дека понекогаш одел пеш од Кичево до Битола. Бил вклучен во движењето, а кога бил уапсен во 1941 година, успеал истиот ден да избега од затворот на италијанските окупатори и потоа бил активен во ослободителната борба.

По ослободувањето учествувал во првите органи на власта. Бил судија во судот во Кичево во 1945 година, а во 1946 година бил поставен за јавен обвинител во Прилеп, односно го формирал јавното обвинителство во овој град. Во 1948 година бил назначен за помошник-јавен обвинител на Македонија. Јавен обвинител за цела Македонија тогаш бил Лазар Мојсов. Тогаш ја запознал и сестрата на Кузман Јосифовски - Питу и се оженил со неа.

Во 1948 година се запишал вонредно на Правниот факултет во Белград, а го завршил во 1952 година, истовремено извршувајќи ги работните обврски. Во 1953 година бил назначен за секратар на Комисија за верски прашања во Македонија. Оттогаш е еден од ретките луѓе кои жестоко се бореле за возобновување на Охридската архиепископија.

Денес, господинот Доне Илиевски е пензионер, живее во Скопје, а зад себе има оставено неколку објавени книги и тоа “Смислата на некои отпори против автокефалијата на Македонската православна црква”, “Афтокефалноста на Македонската православна црква” (во 1974 година излезе оваа книга на англиски јазик), “Македонското православно свештенство во борба за национална и црковна слобода”, монографијата “Архиепископ Охридски и Македонски Доситеј”, “Македонска православна црква - патот до самостојноста” (на англиски јазик), а во печат е уште една книга насловена како “Трнливиот пат до автокефалноста”. Објавил брошури, повеќе фељтони и бројни статии на темата од историјата на Охридската архиепископија и афтокефалноста на Македонската православна црква.

 1  2  /  3  /  4  /  5  /  6  /  7 

 
Материјалот е превземен од „Македонско Сонце“
 
 
Macedonian Orthodox Church - Diocese of America and Canada
© Macedonian Orthodox Cathedral Sts Peter and Paul Crown Point, Indiana 2001-2005