1  2  /  3  /  4  /  5  /  6  /  7 

Господин Доне Илиевски за премрежијата при возобновувањето на Охридската архиепископија (4)

ЖЕСТОКА БОРБА ЗА ДОМОРОДНИ ЕПИСКОПИ ВО МАКЕДОНСКИТЕ ЕПАРХИИ

Подготвил: Ранко МЛАДЕНОСКИ

Во 1951 година веројатно и во српската црква сфатиле дека ќе мора да попуштат под овој прити-сок за домородни епископи, зашто постојано се укажувало на тоа од македонска страна. Истата година го бираат архимандритот Доситеј, кој е во Сремски Карловци, за епископ топлички, викарен епископ на српскиот патријарх. Доситеј бил хиротонисан за епископ на Српската црква.

Нашите луѓе се израдуваа на тој чин - вели господин Доне Илиевски - зашто иако не е во Македонија, сепак станува забор за Македонец кој станал епископ. Членовите на Иницијативниот одбор веднаш стапија во контакт со него. Тој се стави на располагање, доколку има потреба да дојде во Македонија и да биде еден од кандидатите за македонски домороден епископ. Доситеј еднаш направи и посета во Македонија. Беше многу убаво дочекан, се разбира како епископ на Српската црква, но сепак во период кога тука сe пожестоки се напорите за добивање домородни епископи во Македонија. Можеби изборот на Доситеј за епископ на Српската црква е еден потег на СПЦ со кој понатаму би се барал некаков изговор за тоа дека ете и ние имаме епископ и дека за други домородни епископи во Македонија немаме кандидати. Или пак можеби се одеше на тоа Доситеј да се избере за архиереј во Македонија и со тоа да завршат нашите барања и да се вратат старите односи меѓу Македонската и Српската црква како што било до 1941 година. Но овде во Македонија упорно се одеше на тоа тројцата епископи за трите епархии да се изберат одеднаш, “во пакет” како што денес се вели. Значи не еден, ами тројца епископи да има за трите епархии: Охридско-битолската, Скопската митрополија и Злетовско-струмичката епархија.

ПИСМО ОД ВИКЕНТИЈЕ

Во времето на српскиот патријарх Викентије - додава господинот Илиевски - во 1953 година беше добиено писмо од него со кое бара да предложиме кандидати за епископи. Односите со Викентије беа мошне коректни, па по ова писмо дури и се прифати тој да стане администратор на сите епархии во Македонија до изборот на архиереи во македонските епархии. Сепак, значи, се инсистираше на тоа да се реши проблемот со домородни епископи и македонскиот литературен јазик да биде јазик на администрацијата во Македонската православна црква. Тие да бидат националните белези. Морам да кажам дека секогаш кога го читам тоа писмо од Викентије им се восхитувам на нашите свештеници за нивниот покажан патриотизам. За тоа писмо се расправаше на еден проширен пленум во Скопје во 1954 година. Сите покажаа големо задоволство, радост па дури и восхит што ќе имаме своја црква. Сите дискутираа како веќе да е завршена работата, сите дискусии одеа во тој дух. И денес кога ги читам тие искажувања, едноставно се ежам и во себе си велам: “Колку ли сме биле наивни од огромната желба да дојдеме барем до нешто, колку сме биле подготвени наивно да веруваме во нешто што другите (од СПЦ) го кроеле сосема поинаку да биде. На тој пленум беше договорено за епископи, покрај Доситеј, да бидат избрани и прота Нестор Поповски за Скопје и Тома Димовски кој подоцна стана епископ (Наум) на Злетовско-струмичката епархија. Така беше предложено и со тој предлог настапивме во Белград. Баравме тие да бидат избрани за епископи. Но и тој предлог беше одбиен од страна на Саборот на СПЦ, иако тоа беше предлог и на патријархот Викентије, односно тој застана зад нашиот предлог. За Доситеј се согласуваа, но за другите кажаа дека немаат канонски квалификации. Тоа беше изговорот. По ваквата одлука на СПЦ, прота Нестор се откажа од кандидатурата, не сакаше да го шиканираат, да играат со него и тој не беше повторно кандидиран. Подоцна дополнително се бараа кандидати за епископи.

Последна седница на Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ со која раководи претседателот прота Нестор Поповски - 3 октомври 1958 г.

Во април 1958 година патријархот Викентије за првпат дојде во Македонија - раскажува господинот Илиевски. Му приредивме убав дочек, се прошета до Лешок - Тетово и до Калишта - Струга, така што тој беше презадоволен од нашиот однос кон него. Тогаш, во 1958 година, работата беше готова, односно бевме блиску до она што постојано го баравме - да добиеме домородни епископи во Македонија. Тогаш имаше и прием кај претседателот Тито. Тој прием беше изнуден и од нас, а беше присутен и патријархот Викентије. Целта наша беше тие (од СПЦ) да дадат јавна изјава за да не нe изиграат повторно кога ќе треба да се гласа во Саборот на СПЦ за нашето прашање. И навистина тогаш патријархот Викентије даде една изјава пред Тито дека на крајот сепак ќе биде решено прашањето за Македонската православна црква. Тоа беше навистина чесно од страна на патријархот Викентије, тој навистина се залагаше да се заврши таа работа како што баравме ние. Меѓутоа, на Саборот сe падна во вода. Рекоа дека нема избор на македонски домородни епископи со истиот изговор дека немаат квалификации и повторно не беше одобрено нашето барање. Патријархот Викентије беше тежок дијабетичар и јас секаде пишувам дека тој е жртва на македонското црковно прашање. Тогаш му порасна шеќерот, падна во кома и во јули 1958 година почина. Тој многу тешко ги доживеа тие работи, зашто едноставно беше изигран од членовите на Саборот на СПЦ. По одбивањето на нашиот предлог од страна на Саборот на СПЦ, беше јасно дека тие нема да ги одобрат нашите барања, а стана јасно исто така дека прашањето треба да се реши на Црковно-народен Собор и дека никој тоа не може да го оспори.

ПОДГОТОВКИ ЗА ВТОРИОТ СОБОР

1958-та беше година за која и денес не можам да сфатам како сето тоа го издржавме - вели г-н Доне Илиевски. Јас бев секој ден со членовите на Иницијативниот одбор и бев ослободен од сите други обврски. Летото 1958 година се одржа пленум на Иницијативниот одбор и на тој пленум се донесе решение да се свика Вториот Црковно-народен собор на кој ќе се постави македонското црковно прашање. Тоа беше во јули 1958 година и тогаш почнаа пеколни подготовки, зашто за кратко време требаше сe да се подготви. Јас бев преокупиран тогаш со тие проблеми, па дури и во сонот живеев со нив, така што се јавија кај мене здравствени проблеми, добив вртоглавица и почнав да се плашам дали ќе бидам во состојба да издржам докрај. Одев на клиника, ме испитуваа и заклучија дека нема органски нарушувања, туку станува збор за она што се вика менаџерска болест, преголема умореност и ми препорачаа да се одморам. Се сеќавам дека претседателот Страхил Гигов едно време беше отсутен и јас одев на состаноци во Белград. Јас постојано одев на тие состаноци во Белград и на секоја седница на Сојузната комисија го поставувавме македонското црковно прашање. За секоја седница подготвувавме материјали. Но, тогаш навистина имав здравствени проблеми и ме посоветуваа да се повлечам некаде и да одморам. Отидов во Струга на одмор со семејството. А додека траеја подготовките, јас сосема заборавив на семејството, зашто сe течеше брзо и немаше време. На мојата сопруга Павлина & ги оставив сите обврски околу семејството. И затоа велам дека колку што имам јас учество во ова, толку има и мојата сопруга, зашто сите мои домашни обврски таа ги презеде. Во Струга бевме четири дена, но мојата здравствена состојба не се подобруваше. Затоа отидовме во моето родно село, во Брждани. Морам да кажам дека родниот крај е чудна работа, секој човек на свој начин го доживува кога ќе се врати во него. Јас уште првиот дена таму бев здрав. Тоа ми даде таква сила што бев кремен, што вели народот. Останавме неколку дена и се вративме во Скопје. Јас повторно се ангажирав и учествував во изготвувањето на програмата, избор на делегати, подготвување материјали, извештај на Иницијативниот одбор и сите документи што требаше да се поднесат - Одлука за обнова на Охридската архиепископија, Одлука за избор на прв поглавар, eстав и други документи на кои сите заедно работевме. Сета ука, сета совест, сето знаење го вложивме успешно да ги подготвиме сите тие работи.

Пред Соборот, на четврти октомври, се одржа последна седница на Иницијативниот одбор во хотелот “Палас” во Охрид - вели господинот Илиевски - на која и јас бев присутен. Седницата ја водеше прота Нестор Поповски и на таа седница едногласно се усвоија сите соборски документи. Со Доситеј воспоставивме врска. Тој се согласи да дојде во Македонија и ден-два пред Соборот слезе со воз во Врање каде јас го пречекав со автомобил. Никаде не се јавивме. За неговото доаѓање знаеше само прота Нестор Поповски. Не запревме никаде во Скопје. Во Битола прокаснавме во ресторанот “Македонија” и отидовме право во Охрид. Таму се сместивме во една вила на Извршниот совет на Горица каде бевме само Доситеј, јас и готвачот. Доситеј немаше никаков контакт со никого. Јас, се разбира, постојано бев во контакт со членовите на Иницијативниот одбор. На Доситеј му реферирав за сe што се случуваше и со него се консултиравме за документите што се подготвуваа за Вториот Црковно-народен собор.

 1  2  /  3  /  4  /  5  /  6  /  7 

 
Материјалот е превземен од „Македонско Сонце“
 
 
Macedonian Orthodox Church - Diocese of America and Canada
© Macedonian Orthodox Cathedral Sts Peter and Paul Crown Point, Indiana 2001-2005