1  2  /  3  /  4  /  5  /  6  /  7 

Господин Доне Илиевски за премрежијата при возобновувањето на Охридската архиепископија (6)

ВОСТОЛИЧУВАЊЕ НА ПРВИОТ ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ВО ОХРИД

Подготвил: Ранко МЛАДЕНОСКИ

Со членовите на Иницијативниот одбор се договаравме и вршевме подготовки за утрешното востоличување на првиот поглавар на МПЦ - објаснува господинот Илиевски. Темелно се подготвувавме, бидејќи на сите ни беше јасно дека тоа е посебна и сериозна процедура. Во вилата се вратив некаде околу два часот по полноќ, а Доситеј сe уште беше буден, ме чекаше мене. Тука повторно седнавме и се договоривме што уште треба да се направи за утрешното востоличување. Таа ноќ воопшто не спиевме. Во текот на ноќта беше подготвена панагијата. Ја подготвуваа кујунџии од Охрид и од Струга и навистина нивната работа е за восхитување, зашто само за една ноќ направија вистинско уметничко дело. Сабајлето со Доситеј тргнавме кон црквата “Свети Климент” каде што требаше да се одвива церемонијата на востоличувањето. Пред тоа сe беше регулирано - и Уставот и сe друго што беше потребно. На патот кон “Свети Климент” му забележав на архиепископот Доситеј: “Ваше Блаженство, крст треба да има на белата камилавка”. Тогаш и тој се согласи дека заборавивме да ставиме крст на камилавката. Се прекрсти и рече: “Ќе ни прости Свети Климент, и самиот гледа дека брзаме”. Тоа се случуваше кога се накачувавме од кај чинарот кон црквата “Свети Климент” нагоре. И тука некаде кај првата или втората куќа, а беше неделен ден на петти октомври, една жена си метеше пред куќата и јас му велам на возачот да застане. Неговото Блаженство Доситеј ми се испули, а јас ја викнав женичката и и реков: “Ако сакаш една игла и бел конец да донесеш”. Таа отиде, а јас му ја симнав камилавката на Доситеј. Тој најде крстче кај него. На жената и ја дадов камилавката и крстчето и ја замолив да биде така љубезна да го сошие крстчето на камилавкава, на капата од владиката. И таа тогаш виде дека владика има тука. Иако во недела игла не се фаќа, жената само се прекрсти и рече: “Сполај ти Господе, моја грешна рака да шие крст на капата од владиката”. Го соши крстот, му баци рака на архиепископот, ја зедовме камилавката и Доситеј рече: “Е сега одиме според сите прописи, според сите норми”.

ЗАКЛЕТВА НА ПОГЛАВАРОТ НА МПЦ

Пред црквата “Свети Климент” имаше многу народ, свештеници и соборјани кои го пречекаа првиот поглавар на влезот - раскажува господин Илиевски. Камбаните биеја. Тука архиепископот Доситеј ги даде првите благослови на верниците и се служеше света архиерејска литургија. Тоа беше еден чин на достоинство, една атмосфера што охриѓани ја доживувале во минатото, но тоа било прекинато пред 200 години. Кога Доситеј седна на престолот архиепископски во “Свети Климент”, симболот на духовната власт - панагијата - му ја предаде прота Нестор Поповски, а симболот на световната власт - жезлото - му го предаде Димче Јаковлев. Тој беше потпретседател на Иницијативниот одбор. Потоа архиепископот Доситеј ја прочита и ја потпиша заклетвата. Тоа беше голем чин, голема жртва, израз и гест на еден длабок патриотизам кон својот народ, кон својата држава од негова страна, зашто тој еднаш веќе имаше дадено заклетва, беше хиротонисан за епископ во Српската црква и сега зема друга заклетва за да и служи на Македонската Црква. Подоцна, во разговор со него, го прашував како се чувствуваше тогаш. Ми вели: “Невообичаено, меѓутоа кога ја земав и првата заклетва мислите ми беа во Свети Климент и во Македонија”. По церемонијата дојде до честитање во една убава атмосфера. Тоа се настани што еднаш се случуваат по долги години. Размислувајќи за тој чин - изборот на прв поглавар, Одлуката за обновување на Охридската архиепископија, востоличувањето, донесувањето на првиот Устав на МПЦ - си земам за слобода, а тоа сум го кажал во неколку наврати при јавно искажување и во пишувани работи, велам според мене и реално, објективно ако се проценува кое е местото, кое е значењето на овој Собор, јас го ставам веднаш по Првото заседание на АСНОМ и тоа од повеќе причини. Прво, се продолжува една традиција за која животно е врзано битието на македонскиот човек и народ. По 200 години се случува на истиот простор од кој присилно бил оттргнат последниот архиепископ Арсениј I во 1767 година и одведен сургун во Цариград, таму коските ги има оставено, сега на истиот трон пак да седне домороден архиепископ избран од македонскиот народ. По 200 години се повторува онаа историја што се случувала во животот на Охридската архиепископија - архиепископ охридски и македонски да служи, да дели благослови и да се закити со сите белези што ги има архиепископот. По 200 години се донесува Одлука за обновување на Охридската архиепископија. Првпат, по 200 години е донесен првиот Устав на Македонската Православна Црква. Кога човек ќе земе да ги проанализира овие три работи и како настани и како документи, сметам дека по својата тежина, по своето значење, а мора да се земе предвид дека црковната историја е дел од националната историја, тој настан може да се стави веднаш по Првото заседание на АСНОМ. Она што се случи во 1967 година кога се возобнови автокефалноста, кога МПЦ се издигна до автокефална Црква, тоа е само круна на сите усилби, на сите процеси, на сите тие маки што се преживеаја во тие 200 години, а особено од 1943 до 1958 година. Она што потоа следуваше дојде како нормален тек на настаните.

ПРВИОТ УСТАВ НА МПЦ

На шести октомври 1958 година се одржа прва редовна седница на Соборот, кој веќе стана митрополитски Собор. Соборот беше одржан во хотелот “Орце Николов”, а претседаваше поглаварот на Македонската Православна Црква, кој според Уставот е претседател на Соборот. На таа седница се донесе првиот Устав на МПЦ. Со тоа се заврши третиот ден од соборските денови во Охрид. Се заклучи таа работа со она што беше непремостливо - Уставот на МПЦ. Тоа се настаните што се случија пред 40 години во Охрид.

Неговото Блаженство Архиепископот Доситеј ја чита заклетвата при востоличувањето - 5 октомври 1958 год.

Прва работна седница на Македонскиот црковно-народен собор со која раководи новоизбраниот поглавар на МПЦ Неговото Блаженство Архиепископот Доситеј - 6 октомври 1958 год.

Меѓутоа - нагласува господинот Илиевски - без она што се случи во 1959 година не би кажал сe и не може да се разберат докрај тие настани, тие случувања. Ние и во Одлуката и во Уставот рековме дека МПЦ останува во канонско единство со Српската црква. И баравме начини да не дојде до некои непредвидени разврски од “горе”, интервенции, осуди или нешто слично. Во 1959 година архиерејскиот Собор на Српската црква ја донесе Одлуката за која веќе зборував. Со тоа се заокружи борбата што се водеше од 1945 до 1958 година. Но, претстоеше хиротонија на новите владици. Според каноните требаше најмалку двајца епископи - архиереи да учествуваат за да се хиротониса трет. Ние имавме еден канонски хиротонисан архиепископ, тоа беше поглаварот на МПЦ, Неговото Блаженство Доситеј. И токму затоа настојувањата тогаш беа да се усогласат односите со Српската црква на таа нова основа и да дојде до хиротонија на избраните архиереи. И на 17 јуни 1959 година Саборот на СПЦ се согласи со одлуките од Црковно-народниот Собор во Македонија и во уводната точка од нивната Одлука се вели: “Светиот архиерејски Сабор констатира дека апархиите Скопска, Охридско-битолска и Злетовско-струмичка на Црковно-народниот Собор одржан на 04. октомври 1958 година во Охрид се издвоиле во самостојна Македонска Православна Црква која ќе се управува според Уставот донесен на тој Собор, а останува и понатаму во канонско единство со Српската Православна Црква, преку нејзиниот поглавар, неговата светост патријархот на Српската Православна Црква”. Тоа е Одлуката на архиерејскиот Сабор на СПЦ. А во последната точка се вели: “Со оваа Одлука престануваат да важат прописите на Уставот на Српската Православна Црква за епархиите и архиереите на територијата на Народна Република Македонија”. Тоа беше завршниот дел на она што ние го баравме. Тоа беше донесено од Црква под чија јурисдикција од 1920 година спаѓаа и епархиите од Македонија. Прашањето беше конечно расчистено. Со оваа Одлука на Саборот на СПЦ престануваат да важат прописите од Уставот на СПЦ за епархиите и архиереите на Македонската Православна Црква. Ова го подвлекувам заради тоа што оние обиди што подоцна се направија од страна на СПЦ - да се стават поглаварот и архиереите на МПЦ под духовен суд - се без основа, зашто тие самите го декларирале тоа со своја Одлука. Морам да нагласам дека тоа е Одлука на највисокото духовно тело, на архиерејскиот Сабор на СПЦ на кој учествуваат сите архиереи на Српската црква и токму тој Сабор на СПЦ носи Одлука со која СПЦ нема веќе никаква надлежност за какви и да се интервенции во организацијата и состојбата во Македонската Православна Црква.

  1  2  /  3  /  4  /  5  /  6  /  7 

 
Материјалот е превземен од „Македонско Сонце“
 
 
Macedonian Orthodox Church - Diocese of America and Canada
© Macedonian Orthodox Cathedral Sts Peter and Paul Crown Point, Indiana 2001-2005