Кратка историја на Македонската Православна Црква

Во Македонија христијанството почнало да се проповеда уште во времето на светите апостоли. По своето обраќање во христијанството светиот апостол Павле извршил повеќе благовеснички патувања, во текот на коишто тој го проповедал Христовото Слово. Организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во веќе применото христијанско учење. Своето прво патување надвор од Азија, светиот апостол Павле го направил во Македонија. Тоа започнало во 51 година а завршило во 54 година, при што во текот на тие години апостолот Павле посетил и некои грчки градови, каде што, исто така, биле основани христијански црковни општини.
Според книгата ,, Дела на светите апостоли ,, кога апостолот Павле се наоѓал во Троада, му се јавил насон ,, еден македонец ,, кој што го молел велејќи:,, Премини во Македонија и помогни ни !,, (Д. А. 16,9). Народот кој што пред неколку векови, штитејќи ја Европа се кренал против Азија и со силата на своето оружје ја покорил, сега самиот го повикува светиот апостол Павле, за да ја донесе во Македонија големата благавест што се родила во Азија: и апостолот Павле веднаш се одзвал на македонскиот повик. Уште истиот ден тој и неговите блиски соработници, кои го придружувале - Сила, Тимотеј и Лука, отпловиле во градот Филипи (Д. А. 16.11-12), кој град се наоѓал на 15 километри од брегот на Егејското Море.
Градот Филипи бил средиште на жива културна, религиозна и трговска дејност. Низ него поминувале сите поважни патишта што го пресекувале Балканскиот Полуостров, вклучувајќи го и Виа Егнатиа , кој што ја пресекувал Македонија од едниот до другиот крај. Познат е по тоа што е обновен од големиот македонски цар Филип, сведок е на настаните поврзани со паѓањето на Римската република (во 42 година пред Рождеството Христово) и е првиот град во Европа, каде што било проповедано и прифатено христијанството.
Уште со самото пристигнување во Филипи, светиот апостол Павле и неговите соработници започнале да го проповедат христијанството. Слушателите на апостолот Павле биле пред се Македонци, а тоа може да се заклучи од Посланието на светиот апостол Павле до Филипјаните, каде се вели дека во Филипи имало многу мал број евреи и грци.
Потоа откако го оставил во Филипи светиот апостол и евангелист Лука, светиот апостол Павле со Сила и Тимотеј заминале за Солун (Д. А. 17 гл), главниот град на Македонија.
Во удобното солунско пристаниште македонските цареви ги држале бродовите на својата флота. Солун, во времето на апостолите, бил значаен трговски, административен и културен центар. Тука се среќавале трговци од Блискиот Исток и Мала Азија со трговци од Балканот и Европа. За разлика од Филипи, во Солун постоела бројна еврејска колонија: тука имало и еврејска синагога, во која што апостолот Павле, за време на својот престој во Солун го проповедал христијанството. Имало бројна колонија на грци, од кои покрај масивното етничко македонско население што го примале Словото Христово, го прифаќале и некои грци (Д.А. 17.4,).
Од Солун, апостолите Павле, Сила и Тимотеј заминале за Бер, град кој бил значително помал од Солун: имало пристаниште, силно развиена трговија, неговите жители во главно биле Македонци. Имало во Бер преставници на некои други етнички групи, но тие скоро се губеле во компактното македонско мнозинство.
Почитта, која што апостолот Павле ја чуствувал кон Македонците, постепено прераснала во љубов. Својата љубов кон нив тој ја изразува со карактеристичните за него длабоки мисли велејќи: ,, Како што е и право да го мислам тоа за сите вас, оти ве имам на срце. . . .(Филп. 1. 7-8)
Светиот Јован Златоуст. Зборувајќи за односот на апостолот Павле кон македонците, вели: ,, О, каква нежна љубов имал тој кон Македонија и македонците. . .!,, Понатаму, пак, гледаме дека големиот христијански проповедник Св.Јован Златоуст (ИВ-В век) за да ги поткрепи своите мисли за љубовта на апостолот Павле кон Македонија, ги цитира и зборовите на апостолот упатени кон Солунјаните, а тоа значи дека Св.Јован Златоуст тесно го поврзува односот на Солун кон Македонија, како и солунјаните кон македонците.
Во Македонија христијанството почнало посебно да зема замав кога римскиот цар Костантин Велики во 313 година го прифатил за државна религија и така им дал можност на христијаните слободно да ја исповедаат и да ја проповедаат својата вера. Од тоа време се познати епископските седишта во Солун, Стоби, Скупи, Астибо и Хераклеа. Кон крајот на В век Солун веќе е седиште на Архиепископија, а Скупи на митрополија. По почетокот на В век, поради наметнувањето на непознатиот грчки јазик, возвишените вистини на христијанското учење и мистичките длабочини на црковните богослужби останале не достапни за нив, па затоа и нивното христијанизирање останало површно и недостапно.

   
 
Macedonian Orthodox Church - Diocese of America and Canada
© Macedonian Orthodox Cathedral Sts Peter and Paul Crown Point, Indiana 2001-2005