|
|
|
|
Неканонското
укинување на
Охридската архиепископија
Македонската Православна Црква
Цариградската патријаршија од своја страна вешто ја искористила немаштијата
и немоќта на Македонската Православна Црква и настојувала пред Високата
Порта да докаже дека единствено таа може да ги врати долговите на Охридската
архиепископија ако оваа биде укината и приклучена кон неа. Дури успеала
да постави свој човек, Ананиј, на чело на Македонската Православна Црква.
Но, македонските епископи не го прифатиле - со цел да ја сочуваат автокефалноста
на Архиепископијата. И на местото Ананиј, на својот редовен архијерејски
собор за архиепископ го избрале Пелагонискиот митрополит Арсениј, Македонец,
што ќе биде и последен македонски архиепископ до укинувањето на Архиепископијата
со султанско иреде.
Тогашниот цариградски патријарх Самоил решил да и зададе конечен удар
на Македонската Православна Црква - Охридската архиепископија. Ја убедил
турската власт дека македонските архијереи се непријатели на турската
империја и побарал власта во Цариград да го повика Арсениј во врска со
долговите на Архиепископијата. Таму Арсениј под притисок на турската власт
и на заточените македонски епископи од Охридската архиепископија, кои
биле приврзаници за укинување на Архиепископијата, дал писмена оставка
на 17 мај 1767 година. Со неговата оставка е укината Охридската архиепископија
- Македонската Православна Црква. Патријархот Самоил со помош на влијателни
Грци и Турци издејствувал султанско иреде, со кое била укината Македонската
Православна Црква, а нејзините епархии се присоединиле кон Цариградската
патријаршија. Султанското иреде забранувало да се примат какви и да е
жалби против укинувањето на Архиепископијата, а со тоа биле оневозможени
секакви протести.
|
|
|
|