Многубројни благородни плодови на
Македонската Православна Црква - Охридската архиепископија


Длабокото и сестрано христијанизирање на македонскиот народ и неговото духовно и културно издигнување преку апостолската дејност на древната прославена Охридска архиепископија, заснована врз мисионерското дело на светиот наш духовен татко и учител Климент Охридски, родила многубројни благородни плодови. Светите евангелски вистини ги просветувале и осветувале нашите далечни дедовци и прадедовци, ги облагородиле нивните души и срца, а истивремено вдахнувале многубројни и благоверни творци за создавање духовни и уметнички вредности ширум нашата света татковина Македонија. Бројни се нашите цркви во градовите и селата. Бројни се и манастирите и мансатирските цркви изградени на најживописни места, покрај бреговите на нашите езера и реки, во нашите планини и рамнини.
Особена убавина и привлечност преставуваат немалиот број пештерни цркви и манастири. Сите тие се преполни со фрески и икони од нашите врвни мајстори, чии ремек -дела предизвикуваат восхит и кај најголемите познавачи на средновековната уметност. Голем број од нив се на страниците на светските уметнички енциклопедии. Нашата резба, која ги украсува црквите, била негувана повеќе векови, својот врв го достигнува при крајот на XVIII и во првата половина на XIX век. Резбата во скопската црква ,,Свети Спас,, во манастирите ,,Свети Јован Бигорски,, ,,Свети Гаврил Лесновски,, се врвен домет во резбарството. Ова наше црковно-народно творештво продолжувало со векови, а продолжува и денес. Православниот македонец бил градител на великолепни цркви и манстирски конаци, кои до неодамна биле полни со монаси и монахини, со бројни самозаборавници, кои му го посветувале сецело својот живот на својот Спасител и Господ Исус Христос. Тие биле учители на вера и родољубие. Тие ја пазеле и запазиле светата порака на основоположникот на Светата Македонска Православна Црква, ги запазиле светите евангелски вистини и основните христијански принципи, за доследен христијански живот - личен, семеен, општествен сенароден и општочовечки. Затоа е толку силна љубовта кон црквите и манастирите, кон свештенството и моноштвото. Затоа и денес ги чува и обновува старите и гради нови, особено во текот на овој наш слободен и ренесансен период.

   
 
Macedonian Orthodox Church - Diocese of America and Canada
© Macedonian Orthodox Cathedral Sts Peter and Paul Crown Point, Indiana 2001-2005