|
|
|
|
Црковно-националните
борби
против Цариградската патријаршија
Потчинувањето под јуриздикцијата на Цариградската патријаршија, по неканонското
укинување на Македонската Православна Црква - Охридската архиепископија,
била со огорченост примена од македонскиот народ. Веќе во првата половина
од XIX век, со зајакнувањето на својата економска сила, македонскиот народ
се повеќе ги чувствувало стегите и неправдите на патријаршиските владици.
Споменот за својата славна Охридска архиепископија, како своја родна Мајка
Црква, го зајакнувал се повеќе барањето за нејзиното обновување.
Чувствувајќи ја опасноста од нараснатиот отпор против неа, Цариградската
патријаршија се повеќе ја засилувала својата политика и ги активирала
сите свои органи на теренот против сите македонски пројави, а особено
против барањето во црквите и училиштата да се воведе славјанскиот и македонскиот
јазик.
Во шеесетите години на XIX век дошло до силно сенародно движење во сите
македонски градови за отфрлување на јуриздикцијата на Цариградската патријаршија.
Меѓутоа, се постигнал само половичен успех. Големо мнозинство од македонскиот
народ ја отвфрлил јуриздикцијата на Цариградската патријашија, но не се
успеало да биде обновена Охридската архиепископија, поради спротиставувањето
на турската власт. Од друга страна, силната бугарска буржуазија во Цариград
успеала да ја придобие високата Порта за себе и во 1870 година - да формира
Бугарска црква, позната како Егзархија.
Македонскиот народ, принуден да избира меѓу Цариградската патријаршија
и Бугарската егзархија, ја избрал јуриздикцијата на Бугарската Црква,
која како славјанска била поблиска на неговите интереси. Еден дел од македонското
население останал и натаму под духовна управа на Цариградската патријаршија,
а некои црковно-училишни општини во јужниот дел на Македонија прибегнале
кон Римокатоличката црква и преку унија со неа настојувале да организираат
своја самостојна Македонска црква. На тој начин дошло до црковна поделба
на македонскиот народ, која ќе има големо влијание низ нашата национална
афирмација, зашто зад секоја одделна црква стоела туѓинска национална
и асимилаторска програма, која имала за цел да го однароди и претопи македонскиот
народ. Врз навидум црковна основа подолго време ќе дејствуваат перфидно
националните и асимилаторските пропаганди на великогрците, на великобугарите
и на великосрбите.
Но различното определување кон една од црковните заедници, кои биле признати
во турската империја, не го одвлекло вниманието на македонскиот народ
од идејата за обновување на Охридската архиепископија, како своја народна
Македонска Православна Црква. Често се сретнуваат условни движења во оваа
смисла, во која, покрај борбата за македонски јазик, се водела борба и
за Македонска Православна Црква, - за обновување на древната и славна
автокефална Охридска архиепископија.
Познато е дека повеќе македонско-училишни општини во 1873 година се обиделе
да ја обноват Охридската архиепископија. Исто така, познато е, дека осум
црковно-училишни општини, по Берлинскиот конгрес, побарале благослов од
римскиот папа за обнова на Архиепископијата. Слична акција постоела и
во 1885 година. Сепак најзабележителен е обидот на скопскиот митрополит
Теодосиј Голаганов за обнова на Охридската архиепископија во периодот
од 1890 до 1892 година.
|
|
|
|