Натамошни обиди за обновување на
Охридската архиепископија


Желбите и настојувањата за обновувањето на Охридската архиепископија биле тесно поврзани со борбата за својата национална афирмација, што во минатото ја водел македонскиот народ. Дури по Илинденското востание, кога големите сили настојувале да го смират македонскиот народ со ветување реформи, една од најважните реформи требало да биде и обновувањето на Охридската архиепископија - како самостојна, автокефална Македонска црква.
Исто така, не е случајно, што Крсте Мисирков , Димитрија Чуповски и други македонски интелектуалци и борци за националните права на македонскиот народ на Охридската архиепископија и даваат централно место, барајќи нејзино обновување како самостојна Македонска Православна Црква. И македонските студенти, собрани околу својот весник ,,Македонски глас,, во Петроград, во 1913 година бараат независност за својата татковина Македонија и обновување на Охридската архиепископија - како национална црква на слободниот и независен македонски народ.
Меѓутоа, неповолните политички услови за Македонија имаат негативни последици и за Македонската Православна Црква. Со поделбата на Македонија, по Балканската војна, помеѓу Бугарија, Грција и Србија, на македонскиот народ му беа наметнати и црковните јуриздикции на соседните поробувачки народи. Ваквата состојба се задржа се до ослободувањето на Македонија и оформувањето на Македонска држава.

   
 
Macedonian Orthodox Church - Diocese of America and Canada
© Macedonian Orthodox Cathedral Sts Peter and Paul Crown Point, Indiana 2001-2005