Народно-ослободителната војна
и обновувањето на Охридската архиепископија


Македонија зеде активно учество во Народно-ослободителната војна против окупаторот и неговите слуги, со цел да се ослободи од фашистичкиот окупатор и да се здобие со национална слобода, државност и црковно осамостојување. Првиот официјален акт во врска со регулирањето на македонското црковно прашање бил донесен на 15 септември 1943 година од страна на тукушто формираното Верско поверенство при Главниот штаб на Македонија. Оваа одлука, всушност, претставува почеток на крајот на сите напори и на сите копнежи на македонскиот народ за овновување на Охридската архиепископија, почеток на крајот на неговата вековна борба да се здобие со своја независна и самостојна народна православна црква. Веднаш по формирањето на Верското поверенство, на ослободената територија, во селото Издеглавје, Охридско, бил одржан Првиот свештенички собир, на кој биле донесени еднодушни решенија од првостепено значење за натамошната иднина за црковното управување во Македонија. Тогаш свештенството одби да ја признае јуриздикцијата на која и да е туѓинска црква, барајќи во слободна Македонија да се обнови Охридската архиепископија и црковно-верскиот живот на слободниот македонски народ да го раководи Македонска Православна Црква. Вакви иницијативи покренаа групи свештеници и во уште неослободените делови на Македонија, настојувајќи да бидат зачувани македонските црковни скапоцености и подготвувајќи се во својата слободна татковина да се организира православна црква на македонскиот народ, на чело со владици и свештеници домородни. Една ваква свештеничка група многу активно работеше во уште неослободеното Скопје и се подготвуваше за големите црковни настани во слободна Македонија.
Подоцна и во селото Горно Врановци, уште за време на борбата, беше формиран Иницијативен одбор за организирањето на Македонската Православна Црква, по ослободувањето на земјата, во кој беа кооптирани уште неколку свештеници. Тој проширен Иницијативен одбор го презеде црковното раководење и правеше усилни подготовки за одржување на Првиот македонски црковно-народен собор. Еден од членовите на иницијативниот одбор ги посети сите градови во Македонија, и наместо некогашните архијерејски намесништва, беа избрани во тие црковни центри духовни одбори, составени од тројца свештеници и тројца мирјани. На нив им биле дадени упатства да се подготвуваат за престојниот Прв македонски црковно-народен собор.

   
 
Macedonian Orthodox Church - Diocese of America and Canada
© Macedonian Orthodox Cathedral Sts Peter and Paul Crown Point, Indiana 2001-2005