|
|
|
|
Првиот
македонски црковно-народен собор
За да ги реализира сите копнежи за обновување на древната Охридска архиепископија
и за создавање на своја автокефална Народна Македонска Црква, Иницијативниот
одбор го свика Првиот македонски црковно-народен собор, кој се одржа во
Скопје на 4 и 5 март 1945 година. На овој Собор зеле учество повеќе од
300 делегати - свештеници и мирјани. Откако бил прочитан реферат за улогата
на Охридската архиепископија во историјата на македонскиот народ и биле
ислушани дискусиите на бројни дискутанти, Соборот донел едногласна резолуција
за идната црковна положба во слободниот дел на Македонија.
Прво, да се обнови Охридската архиепископија како Македонска Православна
Црква, која нема да биде потчинета на која и да било помесна национална
православна црква:
Второ, да има свои народни епископи и народно свештенство, за да се запазат
карактерните особености на македонскиот народ и тој да биде поблизок до
својата родна црква:
Трето, првиот македонски архијереј да ја носи титулата ,,Охридски архиепископ,,
а Православна Македонска Црква да се нарекува ,,Свети Климентова Охридска
архиепископија,,.
Понатаму во соборската резолуција се говори за тоа, дека охридскиот архиепископ
треба да биде хиротонисан во Охрид и устоличен на охридските архиепископи,
како и тоа дека за обновувањето на Охридската архиепископија треба да
бидат известени сите автокефални православни цркви во светот.
Оваа резолуција во последната, седма точка, предвидува и една алтернатива
во согласност со државното федеративно уредување на нова Југославија:
,,Доколку биде создадена општојугословенска патријаршија, Македонската
Православна Црква да влезе во нејзиниот состав заедно со другите православни
цркви во Југославија,,.Ова јасно сведочи за искреното и силно чувство
кај македонските православни христијани за братство и единство на југословенските
народи и на црковен план.
Имајќи ги предвид црковните канони за организирање на Македонската Православна
Црква преку обновувањето на Охридската архиепископија, Црковно-народниот
собор избрал нов Иницијативен одбор за организирање на Македонската Православна
Црква, давајќи му привремена управна и законодавна власт.
Српската Православна Црква во месец септември истата година, на заседанието
на својот Архијерејски синод, се изјасни дека не може да ја признае самостојноста
и независноста на Македонската Православна Црква, пројавувајќи и понатаму
право на црковна јуриздикција на територијата на Македонија: барала од
православниот македонски народ целосно потчинување, онакво какво што било
меѓу двете светски војни.
|
|
|
|