|
|
|
|
Свештеничка
конференција во Скопје
Иницијативниот одбор за организирање на Македонската Православна Црква,
по добивањето на одлуката на Светиот синод на Српската Православна Црква,
свикал широка свештеничка конференција, за да го запознае македонското
свештенство со негативниот став на Српската Православна Црква против светата
желба на македонскиот народ да има своја автокефална црква, за што има
историско и канонско право. Оваа конференција на која зеле учество повеќе
од двесте свештеници, била одржана во Скопје на 9 и 10 мај 1946 година.
Откако свештенството било запознаено со негативниот став на Српската Православна
Црква спрема еднодушната одлука на сите православни христијани, донесена
преку нивните ополномоштени делегати на Првиот македонски црковно-народен
собор, по богата аргументирана и продлабочена дискусија, во атмосфера
на остро негодување, македонското свештенство ја донело следнава резолуција:
,,Прво, Црквата во Македонија да има свои народни архијереи, народно свештенство,
и самостојност во решавањето на сите внатрешни црковно-народни прашања:
Второ, владиците да бидат избирани од народот и од свештениците:
Трето, да се работи на тоа што поскоро да се формира Православна црква
во Југославија, во која ќе влезат сите православни цркви на југословенските
народи врз апсолутна рамноправност:
Четврто, црквите во републиките да бидат самостојни во внатрешните црковни
прашања, да бидат раководени од своите народни архијереи, кои ќе бидат
членови на Архијерејскиот собор на Православната црква во Југославија
со еднакви права и задолженија:
Петто, секоја народна црква да има по еден претставник на Светиот синод
на Православната црква во Југославија:
Шесто, од претставниците на сите југословенски православни цркви да биде
изработен нов устав на Православната црква во Југославија и истиот да
биде усвоен од Црковно-народен собор,,
Во оваа резолуција македонските православни свештеници, не отстапија од
основните барања на православните македонски верници - Македонската Православна
Црква да го зачува својот народносен и Светиклиментовски белег. Конечно
решавање на оваа прашање се провлекло се до 1958 година.
|
|
|
|