Втор македонски црковно-народен собор


Исправен пред големи пречки, кои му се правеа во врска обновата на Охридската архиепископија и конечното организационо обновување на Македонската Православна Црква од страна на раководството на Српската Православна Црква, Иницијативниот одбор за организирање на Македонската Православна Црква на 23 јули 1958 година, заедно со целокупното свештенство донесе одлука за свикување на Вториот македонски црковно-народен собор. Соборот бил одржан во Охрид, вековното седиште на древната Охридска архиепископија, во црквата ,,Света Софија,,. Таму беше одново донесена одлука за обновување на Охридската архиепископија. Веднаш потоа беше избран македонски митрополит, поглавар на Македонската Православна Црква, кој ја има титулата, ,,Охридски архиепископ,,. Тоа беше епископот Топлички Доситеј по потекло од Маврово. Посебна соборска делегација го интронизира новиот охридски архиепископ на тронот на Свети Климент Охридски, во црквата што го носи името на овој основоположник на Охридската архиепископија - прв славјански епископ и сенароден духовен учител и просветител. На овој собор е извршен и изборот на нашите домородни владици за трите епархии во македонија, а на крајот е донесен и Устав на Македонската Православна црква, кој и сам по себе претставува историски акт.
Тогаш кога се сметаше оти македонскиот народ конечно го реши својот црковен проблем раководството на Српската Православна Црква одново направи нов обид да го спречи непречениот развој на Македонската Православна Црква, неизвршувајќи ги преземените обврски да ја претстави автокефалната Македонска Православна Црква пред другите сестрински православни цркви и настојувајќи да ги потчини одново нашите македонски епархии под своја целосна јуриздикција, не водејќи сметка за тоа на каков нецрковен, неканонски и перфиден начин ги присвоила овие наши епархии во Првата светска војна.
По ваквото мешање во внатрешните работи на нашата Македонска Православна Црква и нејзиното спречување да се афирмира како автокефална црква на својот народ, Светиот архијерејски синод беше принуден да го свика Третиот македонски црковно-народен собор.

   
 
Macedonian Orthodox Church - Diocese of America and Canada
© Macedonian Orthodox Cathedral Sts Peter and Paul Crown Point, Indiana 2001-2005