|
|
|
|
Турско ропство
Јуриздикцијата на Македонската Православна Црква - Охридската архиепископија
по распаѓањето на Душановото царство била разделена на постојните деспоства
и држави: на кралството на Волкашин во кое влегувало и седиштето на Архиепископијата
- Охрид. Кралот Волкашин, а по него и неговиот син Марко ја почитувале
автокефалноста на Охридската архиепископија. Таа преставувала единствен
црковен авторитет во државата на Волкашин. Тесната поврзаност на охридските
срхиепископи со прилепските кралеви била дотолку природна што и едните
и другите се потпирале на една етнографска целина, на македонскиот народ.
Во негово време Македонската Православна Црква се издигнала во секој поглед
и се проширила територијално. Кон неа биле приклучени епархиите: Скопска,
Кичевска и Призренска.
Во последното столетие на XIV век Македонија била веќе под турска власт,
а во 1408 под турска власт паднал и градот Охрид. Турците не посегнале
по автокефалноста на Македонската Православна Црква. Со конечното потпаѓање
на Балканскиот Полуостров под турска власт во границите на Турција се
нашле четири самостојни православни цркви: Цариградската патријаршија,
Охридската архиепископија, Пеќката патријаршија и Трновската патријаршија.
Во почетокот на XV век кон Охридската архиепископија биле приклучени Софиската
и Видинската епархија, кои биле одземени од Цариградската патријаршија.
Кон средината на истиот век кон неа биле приклучени Влашко и Молдавија,
а подоцна и некои православни општини во Италија и Далмација.
Макар што ја проширија својата јуриздикција, Македонската Православна
Црква претрпела големи матрејални штети од Турците. Завладувањето на Македонија
било придружено со пустошење на градовите и селата и со грабеж на христијанските
имоти. Со раселувањето на населението епархиите ги губеле своите приходи
и осиромашувале. Дошло до масовно потурчување на Македонците, особено
околу Охридското езеро и Призрен во сливот на реките Дрим и Радика. Ислам
примиле цели села во Македонија.
Охридските архиепископи не можеле да им помогнат на своите верници. Архиепископијата
морала да плаќа големи даноци. Во втората половина на XVI век Македонската
Православна Црква губи територии од својата јуриздикција. Во 1557 година,
братот на Мехмед паша Соколовиќ, Макариј, успеал да ја обнови Пеќката
патријаршија и тогаш од Охридската архиепископија биле одземени не само
српските епархии, туку и од македонските - Скопската, Мордозовската и
градот Разлог. Истовремено власта на Охридската архиепископија била ограничувана
од страна на Цариградската патријаршија.
Тешката економска положба ги принудила охридските архиепископи и нивните
митрополити да одаат по Европа и да бараат милостиња. Ваквата тешка положба
на македонскиот народ, а воедно и на Охридската архиепископија продолжила
и во XVIII век. Тогаш било засилено физичкото измачување, а турскиот фанатизам
ја достигнал својата кулминација. Поради големиот терор над незаштитеното
население дошло до потурчување на голем број села во Велешко, Кичевско
и Мегленско. Оваа и ваква положба го довела македонското население до
потполно осиромашување, што се одразило и на финансиските прилики на Архиепископијата.
Таа тогаш западнала во големи долгови што неможела да ги плати.
|
|
|
|