ЃУРЃОВДЕН ВО СИРАЌУЗ

На 5 и 6 мај оваа година, по повод патрониот празник на црквата, големиот воин на Светата Православна Црква – светиот великомаченик и победоносец Георгиј, во Македонската Православна Црква „Св. Ѓорѓи” од Сираќуз, сојузна држава Њујорк, беа одбележани патроните чествувања.
Во саботата на 5 мај, по традиционалниот дочек на надлежниот архиереј на Американско-канадската Македонска Православна Епархија Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Методиј, беше отслужена света вечерна богослужба.
Во неделата на 6 мај, беше отслужена света архиерејска Литургија, по што, во присуство на неколку стотици македонски православни верници од Сираќуз и од други македонски православни цркви, беше осветен прекрасниот фреско-живопис во црквата, дело на извонредниот иконограф отец Андреј Ерастов. Потоа беше пресечен празничниот леб и беше приредена трпеза на љубовта, на која учениците од неделното училиште настапија со куса програма.
Покрај свештеници од македонските православни цркви, на патроните свечености бевме почестени и со присуството на свештеници од Руската задгранична црква, како и Бугарската епархија за САД.
Истиот ден, Митрополитот г. Методиј се сретна и со Младинската организација при црквата „Св. Ѓорѓи” од Сираќуз, при што тие го запознаа со своите активности, а беа разменети и идеи за поактивно вклучување на младите во структурите на Американско-канадската Македонска Православна Епархија.

 

 

 

 

 



 
 
Macedonian Orthodox Church - Diocese of America and Canada
© Macedonian Orthodox Cathedral Sts Peter and Paul Crown Point, Indiana 2001-2005