![]() |
||||||||||
|
† СТЕФАН ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ! Возљубени духовни чеда,
Велигден е Пасха Господова и Ден на нашето спасение! Затоа Воскресението Христово е Празник над празниците, Торжество над торжествата и Слава на Бога Воскреснатиот! Еве, дваесет столетија трае радоста од тоа рано неделно утро и таа незаодна воскресна светлина и денес ни ги осветлува и просветува душите! Восхитува Христовата победа! Семоќниот Бог чудесно ја устроил Својата промисла за нашето спасение. Затоа со благодарност треба да си спомнуваме за сè што се случи заради нас: за Крстот, за Гробот, за тридневното Воскресение, а особено на овој ден... Придружувајќи им се на ангелите, и ние да прославуваме, исповедајќи: навистина Он е Светлина од Светлината, Бог вистински од Бога вистински, преку Кого сè постана и преку Кого сè се спасува. Затоа во светлината на Воскресението Христово можеме триумфално и да запрашаме: смрт - каде ти е сега осилото? Каде е мракот со кој што го исполни човекот после гревот? Каде исчезна, победена од Началникот на животот - Воскреснатиот Син Божји? Денес, на овој спасоносен ден, Бог ни го покажува и објавува патот кон нашето сопствено воскресение! Затоа, да се ослободиме од стравот и да ја отфрлиме суетата на овој свет, да бидеме слични во смртта со Христа, та „ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, да бидеме соучесници и во воскресението” (Рим. 6, 5). На Велигден го празнуваме Спасението што ни се објави од Христовиот гроб, ја сведочиме Тајната над тајните, бивајќи и самите преисполнети со сигурна надеж дека и ние ќе совоскреснеме со нашиот Бог. Таа надеж е совршен израз на присутната благодат што нè озарува со светлината на Христа, Кого „Бог Го превозвиши и Му даде име, што е над секое име” (Филип. 2, 9). Возљубени Христољупци, Предвесник на Воскресението биле страдањата на Распнатиот. Затоа и Црквата, доживеана како Тело Христово, не може да постои во воскресната радост, доколку не ги сведочи страдањата на Крстот. Оттаму, и нашата Македонска Православна Црква ја препознаваме како дел од Едното, Распнато, Погребано и Воскреснато Тело Христово, како неделив дел од Неговата Црква, токму затоа што ги отсликува крсните страдања. Светата Православна Црква во Македонија низ вековното постоење непрестајно Му благодари на Бога поради љубовта Негова кон нашиот народ и кон сиот свет. Тоа благодарење постојано се случува на Светата Литургија, кога како народ Божји учествуваме во сепобедното воскресение. Поинаку и не можеме да Му благодариме на Бога за сè што стори за нас, освен преку слободното прифаќање на Неговиот живот и соучествување во Неговата победа. И не само денес, туку и постојано, собирајќи се на светите богослужби, ние, всушност, го славиме Христовото Воскресение, и тоа не како настан од минатото, туку како реално искуство за Царството Божјо. А на Бога мила Му е таквата благодарност - да се удостоиме да бидеме соучесници во Неговиот вечен живот. Возљубени чеда во Господа, Бог страдаше и воскресна по ради Својата безмерна љубов кон човекот. И бидејќи Божјото воплотување и воскреснување е осмислено единствено со љубовта, така и делото на спасението на човекот е невозможно без подвигот на љубовта. Тој подвиг Бог постојано го очекува и од нас, бидејќи „љубовта е исполнување на Законот” (Рим. 13, 10). Украсувајќи си го животот со вера и срцето со чистота, да го исполниме благословот на свети апостол Јован кој вели: „Кој го сака брата си, тој е во светлината” (1. Јн. 2, 10). А Бог од нас не бара теоретска подготвеност или принципиелен став дека ќе љубиме, туку конкретни дела на љубовта, почитувањето и простувањето. Единствено таквиот подвиг ја украсува Црквата, го подига семејството и го гради општеството. Правата на детето, на жената и на луѓето, воопшто, се содржат во правото на љубовта дадено од Бога уште при создавањето на човекот. И тоа право не е бессилно, туку е осветено преку Страдањата и Крвта Христов и гарантирано токму преку Неговото Воскресение. Поттикнати од изобилието на таквата љубов Божја кон нас, изразена во сознанието дека Бог сака вечно да постоиме и да Му бидеме совечни, исповедаме дека празникот на Воскресението Христово за нас е жива и живототворна вистина, која, како ниту една друга реалност од овој свет, нè охрабрува да отпочнеме нов живот како синови на Светлината и на Денот. Токму Светлината, која денес, на Светото Христово Воскресение, изобилно се разлева и во сè проникнува, сјае во нас и продира во нашите срца. Затоа треба да по итаме и да се нахраниме и напоиме од нејзината убавина, вкусувајќи ги Телото и Крвта на благиот Господ. А тоа, во нашата библиска Македонија, секогаш сме го правеле на евхаристиските жртвеници подигнати уште од апостолско време, чувани од древниот Трон на Охридската Архиепископија, а денес од нејзината наследничка - Македонската Православна Црква. Возљубени празникољупци, Воскресната светлина ја доживуваме лично, но и сите заедно соборно ја вкусуваме, онака како што нашите предци ја живееле и исповедале. Таа богодадена светлина и нам, на оваа наша генерација, ни ја покажува и потребата од постојана духовна преродба, од совршено обновување на нашиот живот, за да се удостоиме на „совршенствата на Оној, Кој нè повикал од темнина во Својата чудесна светлина!” (1. Петр. 2, 9). Како доследни наследници на нашите предци, ние овде, во Македонија, и насекаде до каде што како род нè има, ја гледаме и живееме верноста на таквото предание, на тој особен Божји благослов. Се радуваме на сите кои ја наоѓаат вистината за Бога и човекот; се радуваме за оние што смогнуваат сили да бидат молитвени, работејќи на своето покајание; се радуваме на младите кои како живи клетки се препознаваат во богочовечкиот организам на Црквата и ревнуваат за светото Предание; им се радуваме на нашите совесни свештенослужители и подвигољубиви монаси. Се молиме за сите, по словото на свети Василиј Велики - Самиот Спасител да ги воспита децата, да раководи со младината и да ги укрепува возрасните . Му благодариме на Бога што и ние Македонците можеме и сега, на почетокот на третиот христијански милениум, да го живееме најубавиот Празник - Господовата Пасха. Чувствуваме света должност нашите православни христијански вредности, кои нè обележуваат како лулка и татковина на писменоста, духовноста и културата на многу народи, непрестајно да ги потврдуваме како дел од европските и светските културни, научни и цивилизациски придобивки. Благоверниот наш македонски народ во својата историја безброј пати се искачувал на Голготата на прогонствата и страдањата, но секогаш силите на мракот биле победувани со сјајот на нашето народно и црковно воскресение. Ние овде, во Татковината, како и нашите браќа и сестри низ светот, Го молиме Христа Воскреснатиот да биде секогаш со нас и да ни помага во светост да ја чуваме оваа пасхална убавина, афирмирајќи ја низ говорот на делата и животот. Благочестиви чеда на нашата Света Црква , Еве, годинава сме пред еден значаен јубилеј за Македонската Православна Црква - изминаа четириесет плодотворни години од возобновувањето на автокефалноста на нашата древна Охридска Архиепископија. За жал, и на овој Велигден ќе кажеме дека уште постојат такви меѓу истоверните, кои не го прифаќаат и го отфрлуваат нејзиното постоење, нејзината спасителна мисија и дело меѓу нашиот богољубив народ. Но, ако е Бог со нас, кој ќе е против нас! ? Нашето трпение нека е посилно од нивната нељубов! Споменот за соборно изразената волја на благочестивиот македонски народ за своја автокефална Црква, конечно остварена во Одлуката на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, а еднодушно поздравена од соборјаните на Црковно-народниот Собор, одржан во Охрид, во 1967 година, за нас бил, е и ќе биде светол чин, чија четириесетгодишнина ова Господово лето свечено и молитвено ќе биде прославена. Силата на благословот на светиот апостол Павле, на рамноапостолниот свети Климент Охридски, како и на блаженоупокоениот Доситеј, првиот архиепископ на обновената Охридска Архиепископија - апостолот на Македонија од наше време, нека ни помага верно да го чуваме нашето народно битие и духовно наследство. Посакувајќи ви со воскресната Светлина да бидат осветлени делата на вашиот живот, ве поздравуваме со најрадосниот поздрав: ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ! АРХИЕПИСКОП ЧЛЕНОВИ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД:
|
|
||||||||
|